@import url("http://www.blogger.com/css/blog_controls.css"); @import url("http://www.blogger.com/dyn-css/authorization.css?blogID=13412170");

недела, октомври 16, 2005

Суд=Држава


Борбата за постепена демократизација,како тренд на модерните општества и аналогно на тоа заложбата за признавање и заштитата на човековите права, е невозможна без самостојно и независно судство.Во заднината на идејата за владеење на правото стои идејата на независното судство,судство како последниот бастион за последна заштита на правата и слободата на граѓанинот,кое во извршувањето на својата функција единствено е сврзано со законот.
Основната задача на судот би можела да се дефинира како решавање на конкретни спорови врз основа на однапред утврдени правни норми или пошироко како афирмација на правната држава,контрола на законитоста на правните ситуации,осигурување и единство во примената на правото.
Друго е прашањето за кои субјективни права на граѓанинот ќе му биде дозволена судска заштита и најчесто зависи од прераспределбата на обемот на правата за кои тој има право да побара судска заштита.Досегашното наше искуство во нашата држава укажува дека граѓанинот најмногу ја доживува државата тогаш кога ќе побара судска заштита односно ја поистоветува со судот.Ако судот се доживува како контакт со државата тогаш како се доживува примената на законот посебно кај оние граѓани кои го изгубиле спорот .Што ако според мнозинството од граѓаните законот не е добар а судот токму врз него треба да донесе одлука ?
Што ако прописот е крут,нејасен и контрадикторен сам на себе?
Државата преку своите органи пред се законодавното тело-Парламентот треба да донесува закони и други законски прописи кои ќе бидат подготвени од стручни и други лица,носењето на ad hoc закони за потоа веднаш да бидат укинати со ништо нема да ја зацврснат вербата во судството.Правдата согледана низ судското пресудување произлегува од законот и токму поради тоа судот треба да ги штити правата на граѓаните и да го промовира начелото на еднаквост пред законот.

четврток, октомври 13, 2005

Крал Марко

Крале Марко е роден околу 1335. година како еден од четирите синови на кралот В'лкашин и неговата сопруга Елена. Освен браќата Андрејаш, Иваниш и Димитри, Марко имал и сестри: Оливера, Милица, а во усните преданија се спомнуваат и Марија, Угра, Кита, Ѕвезда, Дева, Вида, Угра, Шаина и Беда. Имал две сопруги, Елена и Теодора, но не е познато дали имал наследник.
За време на владеењето на неговиот татко, кралот В'лкашин, Марко ја имал титулата “млад крал“, односно престолонаследник. Во Маричката битка во 1371. година, Марко не учествувал во бојот, туку останал да управува со територијата на земјите на татка си и чичко си. По неа и по смртта на браќата Мрњавчеви, тој станал крал и формално-правно совладетел на царот Урош. Според некои научници, тој е и единствениот легитимен крал на Царство, по смртта на Урош и замирањето на династијата Немањиќи.
Но, владеењето на кралот Марко се соочувало со постојани притисоци, како од страна на српските големци, така и од страна на Турците, кои сe посигурно завладувале со Балканот. Набргу некои територии му биле одземени од кнезот Лазар, Никола Алтомановиќ, Балша и Турците. Тоа било време кога многу од владетелите склопувале мир со Османлиите, станувајќи нивни вазали. Така и Марко ја признал врховната власт на Мурат I, се обврзал да му плаќа данок и да служи на турската војска во нејзините воени походи. Постојат различни претпоставки за годината кога кралот Марко станал турски вазал. Некои сметаат дека тоа се случило во 1371. година, веднаш по Маричката битка, но постојат записи кои кажуваат за турски опсади на Прилеп и Битола во 1385. година, што го дефинира Mарковото кралство како независна територија во однос на турската држава. Интересно е да се напомене дека и покрај турското вазалство, кралот Марко се издигнал на ниво на легендарен национален херој, под чие владеење народот се чувствувал заштитен и поспокоен во однос на соседните народи. Музафер Туфан во “Кралот Марко во некои турски извори“ објаснува дека тоа се должи на: “фактот дека тој успеал најдолго да ја сочува внатрешната автономија и фактот дека тој тоа го постигнал врз основа на својата тактичност, државничка мудрост и подготвеност на осојузување, дури и по цена на саможртва, со цел подолго да се опстане и да се сочува внатрешната автономија и соработка на Балканот“.
На 17 мај 1395. година кај Ровине, застанувајќи на страната на турскиот султан Бајазит I и борејќи се против влашкиот војвода Мирчеа, кралот Марко загинал, провоцирајќи низа шпекулации како точно се случило тоа и каде било погребано неговото мртво тело. Според Мавро Орбини, Крале Марко ја загубил битката против Мирчеа крај Кралево, а потоа побегнал во некоја шума каде, по грешка, бил убиен од некој Влав кој мислел дека се работи за ѕвер. Неговото тело било закопано во близина на Скопје, во манастирот Блачани. Други научници веруваат дека мермерната плоча од ѕидот на трпезаријата во Марковиот манастир зборува дека неговиот гроб се наоѓа токму на ова место. Ниту една од овие теории се уште не е потврдена од страна на науката.
Posted by Picasa