@import url("http://www.blogger.com/css/blog_controls.css"); @import url("http://www.blogger.com/dyn-css/authorization.css?blogID=13412170");

четврток, октомври 13, 2005

Крал Марко

Крале Марко е роден околу 1335. година како еден од четирите синови на кралот В'лкашин и неговата сопруга Елена. Освен браќата Андрејаш, Иваниш и Димитри, Марко имал и сестри: Оливера, Милица, а во усните преданија се спомнуваат и Марија, Угра, Кита, Ѕвезда, Дева, Вида, Угра, Шаина и Беда. Имал две сопруги, Елена и Теодора, но не е познато дали имал наследник.
За време на владеењето на неговиот татко, кралот В'лкашин, Марко ја имал титулата “млад крал“, односно престолонаследник. Во Маричката битка во 1371. година, Марко не учествувал во бојот, туку останал да управува со територијата на земјите на татка си и чичко си. По неа и по смртта на браќата Мрњавчеви, тој станал крал и формално-правно совладетел на царот Урош. Според некои научници, тој е и единствениот легитимен крал на Царство, по смртта на Урош и замирањето на династијата Немањиќи.
Но, владеењето на кралот Марко се соочувало со постојани притисоци, како од страна на српските големци, така и од страна на Турците, кои сe посигурно завладувале со Балканот. Набргу некои територии му биле одземени од кнезот Лазар, Никола Алтомановиќ, Балша и Турците. Тоа било време кога многу од владетелите склопувале мир со Османлиите, станувајќи нивни вазали. Така и Марко ја признал врховната власт на Мурат I, се обврзал да му плаќа данок и да служи на турската војска во нејзините воени походи. Постојат различни претпоставки за годината кога кралот Марко станал турски вазал. Некои сметаат дека тоа се случило во 1371. година, веднаш по Маричката битка, но постојат записи кои кажуваат за турски опсади на Прилеп и Битола во 1385. година, што го дефинира Mарковото кралство како независна територија во однос на турската држава. Интересно е да се напомене дека и покрај турското вазалство, кралот Марко се издигнал на ниво на легендарен национален херој, под чие владеење народот се чувствувал заштитен и поспокоен во однос на соседните народи. Музафер Туфан во “Кралот Марко во некои турски извори“ објаснува дека тоа се должи на: “фактот дека тој успеал најдолго да ја сочува внатрешната автономија и фактот дека тој тоа го постигнал врз основа на својата тактичност, државничка мудрост и подготвеност на осојузување, дури и по цена на саможртва, со цел подолго да се опстане и да се сочува внатрешната автономија и соработка на Балканот“.
На 17 мај 1395. година кај Ровине, застанувајќи на страната на турскиот султан Бајазит I и борејќи се против влашкиот војвода Мирчеа, кралот Марко загинал, провоцирајќи низа шпекулации како точно се случило тоа и каде било погребано неговото мртво тело. Според Мавро Орбини, Крале Марко ја загубил битката против Мирчеа крај Кралево, а потоа побегнал во некоја шума каде, по грешка, бил убиен од некој Влав кој мислел дека се работи за ѕвер. Неговото тело било закопано во близина на Скопје, во манастирот Блачани. Други научници веруваат дека мермерната плоча од ѕидот на трпезаријата во Марковиот манастир зборува дека неговиот гроб се наоѓа токму на ова место. Ниту една од овие теории се уште не е потврдена од страна на науката.
Posted by Picasa

Comments on "Крал Марко"

 

Blogger Драган Зајковски said ... (1:39 претпл., декември 19, 2005) : 

Навистина постои полемика за точното датирање кога Марко станува османлиски вазал. Тоа сосема е сигурно дека не се случило веднаш по Марица бидејќи османлиите иако ги поразуваат здружените војски на Волкашин и Угљеша сепак немаат доволно воен потенцијал да навлезат подлабоко на македонска територија т.е. на територијата под власта на Мрњавчевичи. Тие се задоволуваат само со освојување на областите под владение на Угљеша во Сер, и толку.

Ако не е по Марица, тогаш се поставува прашањето дали по паѓањето на Прилеп и Битола во 1385 г. Марко конечно ја признал османската власт. Досега оваа теза има најмногу подржувачи меѓу историчарите.

Сепак некои факти од поновите истражувања фрлаат извесна доза на сомнеж во врска со оваа теорија.

Прво, ниту една османска хроника не кажува дали при освојувањето на Прилеп и Битола, османлиите заробиле некој од кралската фамилија Мрњавчевиќ. Ако навистина успеале да го заробат Марко или да му наметнат вазалство многу е логично дека истото би било запишано во тогашните хроники. А верувајте дека османлиите воделе голема грижа за сите детаљи, а камо ли да заборават да го спомнат вазалството на Марко.

Второ, сите османлиски вазали учествуваат во Битката на Косово 1389 г. - се разбира на страната на Мурат, при што во османските хроники сите тие се запишани поименично и со колку војска учествувале. Од Македонија тоа се браќата Дејанови. Марко го нема. Тој не учествува на Косово ниту на османлиска ниту на српска страна. Најверојатно останува неутрален. Зарем да бил османски вазал Мурат би пропуштил да го повика да учествува во неговиот воен поход, како што тоа го направил неговиот син Бајазит во походот против Мирчеа.

Сепак се чини дека најголемиот аргумент против тезата дека Марко пред 1389 г. станал османски вазал говори еден помалку подзаборавен факт. имено, османските хроники соопштуваат за една средба т.е. состанок свикан од новиот османски султан Бајазит I а одржан во Сер 1392 година. На состанокот биле повикани и земале учество сите балкански вазали кои ја признавале врховната власт на султанот. На овој состанок, на кој што врз основа на сочуваните документи точно се знае кој и во какво својство учествувал, го нема Марко. Тоа недвосмислено говори дека не учествувал на состанокот. ЗОШТО? можеби поради тоа што не бил поканет од други објективни причини, но можеби и поради фактот што таа 1392 година сеуште не бил османски вазал.

Но веќе наредната година тој се појавува во изворите како вазал на султанот. Како таков учествува во битката кај Ровине 1395 г. каде што го губи животот. Подоцнежните извори, вклучително и Орбини, соопштуваат една епизода од животот на Марко непосредно пред битката кај Ровине. Ставен во ситуација да мора да војува на страната на османлиите, Марко наводно свесен дека се бори против христијаните изјавил:,, ...во биткава нека победат христијаните, па макар јас бил првиот што ќе загинал". Се разбира неможе премногу да се верува во автентичноста на овие зборови како што се согласувам дека е несериозно да се тврди каде е гробот на Марко без да се понудат сериозни докази.

Оттука овие неколку факти сеуште го држат отворено прашањето за точното датирање на марковото вазалство.

Одличен пост за сериозна полемика.

 

Blogger Будна Правда said ... (9:44 претпл., декември 19, 2005) : 

уште подобар одговор на постот,навистина импресивна анализа на Марко.А ти историчар си ?

 

Blogger Драган Зајковски said ... (6:48 попл., декември 19, 2005) : 

Да. VII/2.

 

Крал Марко'">post a comment